Додик најави тужба против Шмит, реагираа и САД и ЕУ
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека Српска ја разгледува можноста во Германија да го тужи Кристијан Шмит, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина за лажно претставување.
На прес-конференцијата во Мраковица, Додик објасни дека Српска го отфрла Кристијан Шмит како висок претставник, не поради инает, туку затоа што неговиот мандат не бил потврден од Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е предвидено во Дејтонскиот договор.
„Смит нема легитимитет, тој е дел од идејата Република Српска да исчезне и да го изгуби идентитетот. Анекс 10 од Дејтонскиот договор јасно го пропиша начинот на кој се избира високиот претставник“, рече Додик.
Тој изјави дека „адвокатите велат оти има основа за тужба против Шмит за лажно претставување, пренесува РТРС, пренесува Танјуг.
Додик истакна дека Шмит „лажно се претставува од првиот ден кога дошол во Босна и Херцеговина“, но дека „за жал во Босна и Херцеговина има луѓе кои го препознаваат и покрај се“.
САД ја поддржа одлуката
Американскиот Стејт департмент ја изрази својата поддршка за работата на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
„САД ја поддржуваат употребата на овластувањата од страна на Канцеларијата на високиот претставник [ОХР] за поддршка на Дејтонскиот мировен договор и Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Поединци кои дејствуваат спротивно на Дејтонскиот договор ќе одговараат за своите постапки“, напиша на Твитер портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, пренесе „Алџезира“.
Одлуката на Шимт да ги укине законите што неодамна ги усвои Република Српска беше поздравена и од американската амбасада во Босна и Херцеговина.
Од амбасадата посочија дека одлуките на Собранието на РС за усвојување на законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и измените на законот за објавување на законите и другите прописи на РС беа неуставни и намерен напад на Дејтонскиот мировен договор, уставниот поредок на Босна и Херцеговина и на државата Босна и Херцеговина.
Тие нагласија дека нападот на Дејтон има последици.
„САД силно ја поздравуваат употребата на своите овластувања во Бон од страна на високиот претставник за одбрана на Дејтонскиот мировен договор и заштита на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој е чувар на владеењето на правото во Босна и Херцеговина.
САД го поддржуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина и ќе продолжат да ги сметаат поединците вклучени во антидејтонско однесување одговорни за нивните постапки, објави американската амбасада во Сараево на својот Твитер профил.
Поддршка за Шмит и од ЕУ: Законите беа директен напад врз Уставот на БиХ
Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина нагласува дека законите што ги донесе Собранието на РС претставуваат директен напад врз интегритетот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и врз Уставот на Босна и Херцеговина.
За одлуките на Кристијан Шмит потсетуваат дека бонските овластувања се последната мерка против непоправливите незаконски дејствија.
Европската унија, се додава, жали што беше неизбежно високиот претставник да дејствува за укинување на тие закони.
„Унијата силно апелира до властите на РС да престанат со едностраните потези и наместо тоа да дејствуваат конструктивно за Босна и Херцеговина да може да спроведе реформи за доброто на сите граѓани, користејќи ја можноста што ја нуди кандидатскиот статус“, беше нагласено во изјава на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
Високиот претставник во саботата донесе одлука за измена на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, како и одлука за поништување на законот за укинување на обврската за објавување на одлуките на високиот претставник во Службен весник на РС и законот за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина на територијата на РС, кои беа усвоени од Собранието на тој ентитет во БиХ.
Шмит ги искористи овластувањата во Бон, сфаќајќи дека неспроведувањето на судските одлуки директно го загрозува правото на правично судење и владеењето на правото воопшто, и длабоко загрижен поради фактот што истакнати јавни функционери и јавни власти намерно не ги почитуваат целосно одлуките на високиот претставник и одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа