УО на ЈСП со демант на изјавата на градоначалничката Арсовска
Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје ( УО на ЈСП Скопје ) на ден 20.10.2022 год., четврток, одржа итна седница по што испрати демант на изјавата на Градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, во која таа ја префрли вината на УО на претпријатието за неисплата на платите на вработените во претпријатието и го повика УО да си поднесе оставка поради овие причини.
Во продолжение следни нивната целосна реакција.
„УО на ЈСП Скопје во својот досегашен мандат презеде низа на активности и мерки со кои ги подобри условите за работа и правата на вработените но нема надлежност за исплата на платите на вработените во претпријатието. Пред неколку месеци УО на ЈСП Скопје беше првиот УО кој ги сослуша репрезентативните синдикални организации во ЈСП и испрати барање до градот Скопје да се усогласат платите во ЈСП Скопје со минималната плата.
На седницата присуствуваше и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје кој се извини за неоправданото наведување на УО на ЈСП Скопје во официјалното соопштение за медиуми за актуелниве настани во ЈСП Скопје, а согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, УО на ЈСП Скопје бара тоа извинување да биде објавено на истиот начин како и обвинувањето.
Навистина е неодговорно, незаконски и на крајот на краиштата нечесно да се вплеткува УО на ЈСП Скопје во актуелниве проблеми и барања на Синдикатите чии изјави ги слушнавме во медиуми.
Управниот одбор смета дека ако некој сака да среди голем дел од проблемите во ЈСП а кои очигледно се “пикаат под тепих”, треба прво да си ги заврши своите обврски. Слушнавме дека е виновна владата, општините што не ги подмирувале своите долгови кон ЈСП, па советниците во градот Скопје и сега на крај и УО на ЈСП Скопје. На крајот за сето ова треба да се запрашаат најодговорните за овој проблем а тоа се знае кои се, Градоначалникот на град Скопје и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје. Нека каже Градоначалничката зошто град Скопје му должи (заклучно со 30.09.2022 год.) на ЈСП Скопје 24 276 526 денари.
Ги повикуваме надлежните да постапуваат според своите овластувања (Директорот на ЈСП Скопје и Градоначалникот на град Скопје), да понесат одговорност и да си поднесат оставка за настаната состојба..
Јавниот интерес и вистината се секогаш на прво место“, се вели во соопштението на УО на ЈСП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа