ЕСМ: Ако има поскапување на струјата, тоа ќе биде минимално

 

И да има поскапување на струјата по Нова Година, тоа ќе биде минимално. Значително се намалени трошоците за производство на електрична енергија и со помош од државата се намалува продажната цена, уверуваат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Државава очекува помош за покривање на енергетските потреби од Европската унија.

Во меѓувреме, во услови на забрзаниот раст на инфлацијата, Централната банка повторно ја зголеми основната каматна стапка, со цел да делува врз каматната политика на банките и да стимулира штедење во денари.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вчера изјави дека со направените вложувања во изминатиот период во сопствена опрема и работата на рудниците на ЕСМ, со рационализација и операционализација на трошоците, намалена е производната цена на РЕК „Битола“ на околу 58 до 60 евра за мегават час произведена електрична енергија.– Сепак цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК „Битола“, туку и од другите наши капацитети од кои дел работат на мазут. Па затоа колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО, рече Ковачевски при вчерашната посета на рудникот „Суводол“.

Од новиот коп од рудникот „Суводол“ во моментов се произведуваат и до РЕК „Битола“ се транспортираат околу 15 000 тони јаглен. За секој од блоковите на Комбинатот дневно се потребни по 6000 тони јаглен за производство на електрична енергија, односно околу 18 000 тони доколку би работеле сите три блока. На крајот на неделава, според најавите, ќе заврши ремонтот на Блокот 1 во РЕК „Битола“, а до крајот на месецот се очекува да стигне и трансформаторот за Блокот 3, со што од почетокот на ноември ќе може да бидат ставени во функција трите блока на РЕК „Битола“.

По воведувањето на блок-тарифите има намален конзум на електрична енергија и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ во своите планови бара помалку од 15 до 17 отсто енергија од АД ЕСМ. Тоа,  според Ковачевски, позитивно ќе влијае за намалување на цената на електричната енергија, а дополнително на тоа позитивно ќе влијаат и најавите од Регулаторната комисија за енергетика дека ќе бидат воведени блок-тарифи и за малите потрошувачи со цел и тие да се стимулираат да штедат енергија.Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вчера изјави дека се работи на барањата на Северна Македонија и други земји за помош за покривање на енергетските потреби. По најавите дека претседателот на државата Стево Пендаровски побарал од Европската Комисија да и помогне на Северна Македонија да надомести за цената на електрична енергија од Бугарија, еврокомесарот на прес – конференција одговори дека е запознаен со барањето и оти се работи на „поширок пакет за спас“.

– Работиме на поширок пакет за енергетски спас за целиот Балкан и се обидуваме да испорачаме многу брзо, би требало да сме во можност да го презентираме на лидерите во ноември на самитот на Берлинскиот процес, каде разгледуваме начини да им помогнеме да одговорат на итните краткорочни и среднорочни потреби, да создадеме алтернативни набавки на гас или струја, како да помогнеме за интерконекторите за гас или струја, изјави Вархеји. 

На неформалниот министерски состанок на министрите за енергија на Европската унија што се одржа вчера во Прага, на кој учествуваше и министерот Крешник Бектеши, беше претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени во Европа. 

13.10.2022 - 09:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега