Кадиевска-Војновиќ до Бектеши: Како што го реши Арачиново, плати им ги сметките и на сиромашните

 

Како економија државата е во состојба на стагфлација, оценува поранешната вицегувернерка на НБРМ, Маја Кадиевска-Војновиќ, во интервју за „Макфакс“.

Тоа, како што појасни, е период на висока инфлација, а од друга страна, имаме низок економски раст.

Според неа, државата веќе во неколку квартали има низок економски раст.

„Милуваат од Владата да кажат дека сите сме во криза, но ако ги споредиме податоците со другите држави од нашата околина, ние имаме најнизок раст“, вели Кадиевска-Војновиќ.

Упати критики до власта бидејќи, според неа, нè очекува тежок период, а Владата, како што рече, нема никаков правец во решавањето на енергетската криза во државата.

„Немаат никаков правец за енергетската криза, сметам дека не се обезбедени доволни количини јаглен и мазут за претстојната зима. Многу е дволично за една Влада за која во една скопска општина не се плаќа струја, ние да плаќаме за неа. Арачиново е на дното по плаќањето данок на имот. Со магично стапче министерот за економија го реши проблемот, нека им го реши и на многу сиромашни семејства што не може да си ја платат сметката за струја. Го повикувам, нека им ги плати сметките за струја како што го реши проблемот во Арачиново. Многу е дволично да имате толкава сива економија во атмосфера на тотален хаос, а со полна уста за ЕУ. Во ЕУ ова не постои“, потенцира Кадиевска-Војновиќ.

Предупреди дека рецесијата ни чука на врата.

„За второто полугодие од оваа година веќе е извесно, голема е веројатноста да влеземе во рецесија. Рецесијата ни чука на врата. Ќе имаме намалени активности во сите сегменти. Не сакам да звучам апокалипточно, но на среден рок ќе имаме негативни остварувања во економијата, и тоа не само ние, туку и во ЕУ“, тврди поранешната вицегувернерка.

Дали денарот е стабилен, дали ќе бидат неопходни нови задолжувања и како ќе го сервисираме јавниот долг, за фискалните недостатоци и за најавите за даночните реформи, во интервјуто за „Макфакс“ со поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ.

06.09.2022 - 16:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега