Ангеловска Бежоска – Георгиева: Се преземаат силни политики и мерки за справување со кризата

 

И покрај тоа што глобалното економско окружување носи крупни предизвици, носителите на економските политики преземаат силни мерки и политики, беше заклучено од страна на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на онлајн средбата со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими. Нејзиното видување за соодветните економски политики, првата жена на ММФ го истакна и на нејзиниот твитер профил.

Како што е наведено во соопштението од Народната банка, доказ за соодветноста на политиките е и можноста за пристап до Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), преку кој ММФ ќе обезбеди дополнителна ликвидност за нашата земја за надминување на тековните предизвици, што всушност беше и тема на средбата. Имено, овој инструмент се доделува на земји кои имаат здрави економски фундаменти, практикуваат и се очекува и понатаму да практикуваат здрави економски политики и имаат макроекономска стабилност. При процесот на одобрувањето на ПЛЛ, се оценува соодветноста на монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, како и соодветноста на статистичките податоци. Подготвеноста на Фондот за одобрување на инструментот, говори дека Народната банка успешно одговара на предизвиците во сите овие домени на нејзина надлежност.

-Во однос на политиките кои ги спроведува Народната банка, примарна цел и фокус и натаму останува одржување на стабилноста. Народната банка започна  со процесот на постепено нормализирање на монетарната политика со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност. Како резултат на повисокиот раст на примарните производи и пренесените ефекти кај поголемиот дел од производите и услугите, вклучително и растот на инфлациските очекувања, на три наврати досега, беше реагирано кај основната камата. Во контиунитет, Народната банка делува и на девизниот пазар за оптимално управување со ликвидноста. Во оваа насока, два пати се реагираше и кај задолжнителната резерва во насока на поттикнување на денаризацијата, се наведува во соопштението од Народна банка.

10.07.2022 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега