ТИРЗ ја презентираше новата високотехнолошка економска развојна зона – Скопје 3

 

Технолошко индустриска развојна зона – ТИРЗ, денеска ја презентираше новата економска развојна зона – Скопје 3. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, на денешната прес-конференција, изјави дека новата технолошко индустриска развојна зона ќе има нов концепт на работење со целосен фокус на високите технологии.

– Целта, и тоа студијата го покажа, е, да генерираме инвестиции некаде над 850 милиони евра во наредните десет години, целта е секако да донесеме компании или да развиваме компании коишто ќе се фокусираат исклучиво на високи технологии, и целта е нормално не само да генерираме високи приходи за луѓето коишто ќе бидат таму ангажирани, а станува збор за некаде помеѓу 4.5 до 5.5 илјади млади луѓе коишто се очекува да бидат ангажирани во рамки на овие капацитети, туку да генерираме приходи за сите наши сограѓани преку платите во буџетот, истакна Деспотовски.

Тој додаде дека целта на новата технолошко индустриска развојна зона е на една површина од приближно 45 хектари во близина на главниот град паметно да се искористат ресурсите со коишто располага државата, односно младите луѓе и интелектуалниот капацитет, за коишто потенцираше дека неспорно постојат.

– Наша цел, и тоа го поставивме уште од почетокот на овој мандат, тоа е користите, односно бенефитите од технолошко индустриските развојни зони да не бидат достапни само за странските компании, да не бидат достапни само за вработените во тие компании, да бидат достапни за еден широк круг на граѓани на нашата држава.

Токму преку овој концепт денес, подвлече Деспотовски, се отвора едно ново поглавје, односно нова приказна во економскиот развој на нашата држава, а тоа исклучив фокус на зоната со високи технологии. 

14.06.2022 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега