Шаќири: Платите во основно и средно образование од септември ќе бидат повисоки

 

Повисоки плати за 15 отсто за вработените во основно и во средно образование ќе има од септември, како што е договорено со Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Тоа е предвидено во ребалансот на Буџетот, што треба да биде усвоен во Собранието, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

– Со СОНК ја потпишавме спогодбата која произлезе од процесот на помирување. Очекуваме да помине ребалансот на Буџетот за да подготвиме информација во Владата, за да се потпише конечната спогодба за 15 отсто. Значи, преговорите имаат потпишана спогодба, договорени се сите работи со СОНК и го чекаме ребалансот. Очекувам да помине и сѐ да биде добро за од септември да има повисоки плати во основно и во средно образование, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање на обуката за прва помош за ученици во рамки на кампањата на Црвен крст „Првата помош спасува живот“.

Конечниот договор за зголемување на платите за 15 отсто за вработените во образовните установи МОН и СОНК го постигнаа на 17 мај со посредство на помирувач и по 12 дена прекината настава поради генерален штрајк во училиштата од 11 до 28 април.

Претставниците на двете страни во спогодбата се согласија платите на вработените во основните и средните да бидат зголемени за 15 проценти, почнувајќи од септември годинава. МОН и СОНК ги усогласија и ставовите за потпишување нови колективни договори за основно и средно образование, како и нова методологија што ќе обезбеди постојан раст на платите во образованието. 

07.06.2022 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега