Павловa: Важно е да се зачува поддршката кон ранливите категории и најпогодените компании

 

Важно е да се зачува поддршката особено кон граѓаните со ниски приходи кои поголем дел од својот буџет го трошат за храна и енергија и кон компаниите кои се најпогодени од најновиот шок предизвикан од руско-украинскиот конфликт, порачува потпретседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА.

Во интервјуто направено во пресрет на нејзиното доаѓање во земјава по повод 30-годишнината од монетарната самостојност, Павлова оценува дека покрај ценовните ефекти од руско-украинскиот конфликт, некои држави од Западен Балкан како што се Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија може да бидат дополнително погодени бидејќи се главно зависни од рускиот гас. Многу е веројатно, вели Павлова, дека ценовните притисоци ќе бидат поупорни од претходно предвидените.

– Друг важен канал е трговијата, каде што иновативните и побрзо растечките фирми најверојатно ќе бидат повеќе погодени. Конечно, приходите од туризмот од Русија се релевантен извор на приход, особено за Црна Гора. Севкупно, многу е веројатно дека ценовните притисоци ќе бидат поупорни и повисоки од претходно предвидените и затоа би сакала повторно да ја изразам мојата поддршка за политичките мерки што ги штитат најранливите, вклучително и бегалците, вели Павлова.

Според неа, шокот генериран од руската окупација на Украина има потенцијал да му нанесе значаен удар на долгоочекуваното закрепнување по пандемијата и затоа меѓународните финансиски институции и влади треба да бидат подготвени да дејствуваат уште посилно доколку е потребно.

Посочува дека во поновите прогнози се очекува економиите во Западен Балкан да пораснат за нешто над три проценти, што, според неа, е значителна надолна ревизија во споредба со предвоените проекции.

Во интервјуто, што во целост е пренесено подолу, Павлова порачува дека сегашната криза треба да се гледа како можност за решавање на долгогодишното прашање на климатските промени затоа што војната во Украина покажала дека потребата од обновливи избори на енергија, енергетската ефикасност и технолошките иновации се поклучни од кога и да било досега. Павлова зборува и за монетарните политики водени во изминатите 30 години, оценувајќи дека Северна Македонија постигнала значителен напредок. Открива и дека на конференцијата што ќе се одржи во Скопје по повод 30 години монетарна самостојност во Северна Македонија ќе бидат разгледани клучните предизвици на регионалните економии.

25.04.2022 - 10:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега