Треновски за МИА: Зголемувањето на референтната каматна стапка е сигнално и добро одмерено

 

Зголемувањето на референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени што го направи Народната банка е сигнално и добро одмерено со цел да се заштити економската активност и монетарната стабилност, оценува професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје во изјава за МИА.

Ваквиот чекор на Народната банка, вели Треновски, е внимателно направен бидејќи најавите се дека економската активност ќе забавува поради глобалните случувања, а во услови кога инфлацијата е умерено зголемена, се уште кредитниот раст е солиден а притисоците на девизниот пазар стивнуваат. За разлика од почетокот на кризата кога најголем дел од зголемувањето на цените во нашата економија беше увозно детерминиран, преку цените на енергијата и храната, сега полека зголемувањето на цените почнува да се придвижува и кон другите сектори и области (базичната инфлација) каде првично не се чувствуваше. Ова, посочува Треновски, се разбира, повторно доминантно е поврзано со преносните ефекти од увозните цени.

– Гледаме некое зголемување кај поголем број производи и услуги во нашата економија и она што може да се види од објавените анкети што ги прави Народната банка се дека очекувањата и кај бизнисните и кај граѓаните се дека инфлацијата ќе расте. Со цел да се влијае на тие очекувања, мора да се прати сигнална порака која мора да биде добро таргетирана и добро одмерена со цел да се даде оптимален ефект. Ако се оди со пресилен удар или прерано се делува, тогаш може да имате несоодветен ефект, имајќи предвид дека финансиските пазари и однесувањето на економските субјекти се високо сензитивни на информации/мерки, пред се, во услови на неизвесност и нестабилност. Како пример – дури и оние држави кои претходно веќе значајно ги зголемија референтните каматни стапки, не ја намалија стапката на инфлација веднаш, вели Треневски.

Тој не очекува дека најновата одлука на Народната банка ќе се одрази значајно врз зголемувањето на каматите на кредитите што ги даваат банките, особено не врз кредитите кои веќе се дадени. 

– Тие кредити се даваат под одредени услови, некои од нив се со фиксна каматна стапка, така банките не прават промени во таа насока – само во екстремни пореметувања на пазарот, банките ги менуваат условите. Јас не очекувам драстична промена, истакнува Треневски во изјавата за МИА.

13.04.2022 - 16:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега