Седници пет собраниски комисии
Во Собранието на Република Македонија денеска седници треба да одржат Комисијата за здравство, Комисијата за надворешна политика, Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за култура и Законодавно-правната комисија.
Комисија за здравство треба да расправа за измените и дополнувањата на Законот за санитарната и здравствената инспекција, на Законот за заштита на населението од заразни болести и за Предлог - законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести, сите во второ читање.
Меѓу точките на дневниот ред се и измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, на Законот за јавно здравје, на Законот за здравственото осигурување и на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, исто така во второ читање.
Неколку предлог-закони за ратификации на спогодби меѓу Македонија и други држави се на дневен ред на Комисија за надворешна политика.
Измените и дополнувањата на Законот за обезбедување на побарувањата, на Законот за матичната евиденција, како и предлог-законите за извршување и за нотаријат се точки за кои денеска ќе расправа Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пред членовите на Комисија за култура ќе биде Предлог-програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2016 година, а Законодавно-правната комисија ќе се произнесе за законитоста на предлог законите што ќе бидат на дневен ред на претходно споменатите комисии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа