Авировиќ: Буџетот за 2016 година е реален и остварлив
Денес во Собранието на Република Македонија на 63-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет продолжува општата расправа по точката од дневниот ред каде пратениците расправаат по Предлог - Буџетот на Република Македонија за 2016 година.
На почетокот од денешното прво продолжение на комисиската расправа свое излагање и образложение во врска со предложениот Буџет за 2016 година даде и Владанка Авировиќ, пратеничката од Социјалистичката партија, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ од коалицијата „За подобра Македонија“.
Авировиќ своето денешно излагање го започна со тоа дека Предлог - Буџетот за 2016 година, како што кажа таа, во принцип е срочен со цел да се продолжи позитивниот тренд на економските движења во Република Македонија, а тоа значи дополнителен раст на бруто домашниот производ од 4% и наредната година. Слични вакви проекции како оваа, се предвидени и во документите кои што ги дадоа и Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и други релевантни меѓународни институции кои што се движат помеѓу 3,8% и 4% што значи дека и тие во своите проекции вградувајќи ги сите елементи на претпазливост го вградувааат елементот на непредвидливост на економските состојби на глобално ниво, додаде таа.
Авировиќ потенцираше дека доколку нема екстерни шокови и политички и останати внатрешни случувања тогаш позитивниот тренд на раст на бруто домашниот производ треба и мора да се одржи барем на она ниво кое што е проектирано.
-Рековме дека градежништвото е силен импулс бидејќи во него се содржат други 25 гранки кои што придонесуваат. Земањето на средства, реализација на проектите во одделот на градежништвото силно влијаат и на овие 25 гранки кои што се прехрануваат, се алиментираат, преживуваат, тие вбризгуваат зголемување на личната потрошувачка на граѓаните и со помош на ваквите влијание Република Македонија успеа да ја остави потрошувачката на ниво кое ќе обезбеди ваков стабилен раст на бруто домашниот производ, рече пратеничката Владанка Авировиќ.
Таа потоа додаде дека и понатаму се предвидува раст на градежништвото на реална основа од 5,6% што за балкански услови претставува силен импулс и понатаму да продолжи придонесот особено во делот на градежништвото.
Во врска со предвиденото инвестирање во технолошко индустриските развојни зони, како што рече таа и понатаму ќе се алиментираат како преку Буџетот но и преку останатите инструменти кои ги има Владата за да има повеќе странски директни инвестиции.
-Тие даваат дополнителни ефекти. Ако пред две години извозот од зоните беше над 500 милиони евра, минатата година учеството на извозот на тие зони беше 750 милиони евра, за сега заклучно со овој момент да надмине милијарда евра и двеста милиони евра што ќе се сложите дека таквиот импулс придонесува и кон вториот ефект кој сакаме да го придонесеме во Република Македонија а тоа е вработувањето и намалувањето на невработеноста, констатираше Авировиќ.
Таа исто така се осврна и на тврдењата дека Владата на Република Македонија во изминатите години не одделувала средства со кои се подобрувале условите за работа на малите и средните претпријатија.
На крајот, Авировиќ потенцираше дека сите овие показатели кои што ги има Република Македонија и на приходната и расходната страна ќе бидат остварливи, реални, како и сите претходни години бидејќи не постои ниту еден демант во врска со огормниот процент на реализацијата на приходната страна од 80-90%, но и расходната страна преку проектите што се реализираат во сите области е на завидно ниво.
-Република Македонија со сите проекти кои што ги вложува, буквално во сите министерства, илјадници реализирани проекти даваат за право да укажеме дека ова што се случува денес е една стандардна политика на ниски даноци. Затоа велам Да за Буџетот за 2016 година, заврши Авировиќ.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа