Николоски на Тирана економскиот форум: Итно отпочнување на преговорите со ЕУ и политичка стабилност со цел привлекување инвестиции и спроведување на клучните проекти
Итно отпочнување на процесот за членство на нашата земја во Европската Унија, зголемување на регионалната соработка, реализација на клучните инфраструктурни проекти како што се Коридорот 8, транзицијата кон зелена економија, како и обезбедување политичката стабилност како еден од клучните фактори за привлекување инвестиции, беа едни од суштинските пораки на заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на Економскиот форум што се одржува во Тирана (Tirana economic forum). На форумот од страна на говорниците на пaнeл-дискусиите беше истакнато дека прогресот на РС Македонија и Албанија е јасен и затоа мора што побргу да отпочнат пристапните преговори на двете земји за членство во ЕУ. Воедно беше потенцирано дека историјата пред и по 24 февруари е значително сменета и доколку изостане одлуката за старт на преговори, ЕУ ќе го отвори патот до дестабилизација, затоа проширувањето на ЕУ е нужно. Во услови на енергетска криза, исто така, важно е да се развијат партнерства во регионални рамки.
„Нашиот прв приоритет е обезбедувањето ценовна стабилност како клучен фактор во обезбедување макроекономска и финансиска стабилност. За таа цел Владата на РС Македонија донесе сет од 26 мерки во вкупна вредност од 400 милиони евра со цел заштита на животниот стандард на населението и ликвидноста на компаниите, како и за финансиска поддршка на компаниите. На среден и долг рок наш приоритет е остварување стапки на раст од 5 проценти годишно, како и фискална консолидација во насока на намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, потенцира Николоски.
Притоа од голема важност е одржување политичка стабилност.
„Честите избори се лоша порака за инвеститорите. Потребен е континуитет во спроведување на политиките и проектите коишто се клучни за развојот на нашата држава“, напомена заменик-министерот за финансии Николоски.
Еден од клучните проекти што ќе почне да се реализира годинава е Коридорот 8 со чијашто изградба, како што истакна Николоски, ќе се заокружи изградбата на паневропскиот коридор и ќе се овозможи подобра поврзаност на РС Македонија, Албанија и Бугарија со останатите држави.
Министерство за финансии
10.05.2022 - 14:11
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа