Намалување на платите - Синдикатите реагираат, Владата упатува смирувачки тонови кон населението

 

Владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста. Синдикатите реагираат дека со тоа се кратат работничките права и дека не смее да се суспендираат колективните договори, додека од Владата уверуваат дека нема да има кратење на платите и на работничките права.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека консолидацијата на расходите во државните институции не значи намалување на платите, туку дека се работи за план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.

– Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза, рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Ќе се ревидираат менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем ќе биде задолжена да ја дефинира новата форма.

Според Ковачевски, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.

– Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори кога и како ги добиваат вработените. Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе дојде кај некого и да го намали договорот за работа и да добиваат помала плата, рече Ковачевски.

Од синдикатите, пак, вчера излегоа со реакција дека нема да дозволат кратење на платите на работниците и неисплаќање на додатоците и надоместоците од плата. Укажуваат дека не смее да биде откажан или ревидиран ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор.

– Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права, порачуваа вчера од ССМ.

14.10.2022 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега