Милошоски: Заев, Димитров и Османи да oбјаснат за кои дополнителни анекси се разговара со Бугарија

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ги повика Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието и да објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија.

„Денес протестот го одржуваме пред Министерството за надворешни работи затоа што ова надворешно-политичко прашање поврзано со можните дополнителни отстапки од Македонија кон Бугарија ги засега и министерот Бујар Османи и премиерот Заев и вицепремиерот Никол Димитров кои што беа личности што пред три години нѐ убедуваа дека сме почнале преговори со ЕУ, а гледаме дека и ден денес тоа не е случај“, рече Милошоски.

Истите тројца, додаде тој, беа промотори на референдумот на кој што ветуваа дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, но, како што рече Милошоски, далеку сме од таквата ситуација.

„Затоа повикуваме до институциите особено до Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието како дом каде што се наоѓаат народните избраници и таму на граѓаните преку пратениците и на јавноста да и објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија и зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста“, рече Милошоски.

11.06.2021 - 16:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа