Мицкоски: Спорот со Бугарија не е тезга со муртински бостан, а Македонија не е касаба

На одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, лидерот на најголемата опозициска партија рече дека обединувањето ќе значи надминување на разликите во опозицијата.

– На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега – рече Мицкоски.

Илинден, како што нагласи, е нашата светост, посебно чувство за секој Македонец.

– Тоа е нашата голгота, без која немаше да има слобода. Нашата карпа врз која ја темелиме нашата куќа, атоа како Македонци, како родољуби се поклонуваме на делото – додаде Мицковски.

ВМРО-ДПМНЕ, заклучи лидерот, ја има поддршката од народот и е пред прагот на победа, повикувајќи на висока разлика на локалните избори и големо обединување на народот.

– Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ, и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жесток шамар за власта која ќе падне за неколку месеци по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе. Блок на различни, но со една цел, буткање на оваа власт. Овие локални избори не се само избори вие што мислите за локалните авторите и медиокритети во фотелји, туку каква порака ќе испратите на тие кои упорно ги кандидираат и ја навредуваат нашата интелигенција – посочи Мицкоски.

Македонија не е касаба на неколкумина од власта. И тука лежи и мојот порив да ги смениме работите. Македонија е на сите луѓе, и Македонија ќе ја направиме за сите луѓе, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање пред присутните се осврна на одлуката на претседателот Стево Пендаровски да нема говор на Мечкин Камен, за како што рече, стравот од народот, кој ќе им каже што мисли за нивното владеење.

– Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување, зошто човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот фолклор, а тие вечер ќе си продолжеа со криминалите. Јас одбрав да бидам тука со народот – рече Мицкоски.

Местото на земјава, нагласи тој, е во семејството на Европската унија, а мини шенгенот кој неодамна го договорил премиерот Зоран Заев, го оцени како уште еден пораз за државата и не ја исполнил најголема стратешка цел, членството во Унијата.

Тој вети концепт и визија со просечна плата од 45.000 денари, бесплатен приклучок на гас за секое семејство, поевтина струја и повисок стандард. Граѓаните, посочи сами ќе одбираат каков проект ќе финансираат преку својот данок на имот, на тутунарите прво ќе им се откупи тутунот по достоинствена цена, а дури потоа ако има потреба ќе се увезува нов…, како и почитување на црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата се почитуваат.

– Спорот со Бугарија не е натпревар во 100 метри, ниту тезга со муртински бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие. Во тој идентитет е содржан и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво – рече Мицкоски во обраќањето пред присутните во Ташмаруништа.

02.08.2021 - 15:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега