Мицкоски: План за справување со енергетската криза, двојно поевтина струја, за спречување на инфлацијата

 

Денеска со тимот, претставници на највисокото раководство на партијата вклучително и голем дел од градоначалници имавме состанок со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија. Разговаравме за актуелната состојба во државата, предизвиците со кои што се соочува бизнисот и дојдовме до заклучок дека состојбата е алармантна, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Наш заклучок како политичка партија е дека во овој момент работите се некако ставени на стихија. Понижувањата и коленичењето и молењето по околните држави па и тие во поширокиот регион стануваат безмислени и навредувачки за македонските граѓани бидејќи судбината не ја контролираме самите туку е во рацете на други околни држави, па и оние подалеку во регионот. И во име на тоа донесовме заклучок на овие средби со бизнис заедницата дека полека но сигурно оваа безидејност во енергетиката и енергетската криза која што веќе е сеприсутна кај граѓаните и бизнисот полека но сигурно се трансформира во финансиска криза, а доказ за тоа е цунамито финасиско кое што владата вчера ни го приреди со оној заем кој што во наше име го зема друга банка на друга држава, со катастрофални услови.

Во име на тоа изминатиов период разговаравме, планиравме, креиравме решенија, се консултиравме и со останатите стопански комори, можам тука да кажам дека ја консултиравме и нашиот план го претставивме пред раководството на Стопанската комора на Македонија, не само пред денешната Сојуз на стопански комори, предлогот кој што предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети, а притоа ги ставаме на располагање сите контакти кои што ги имаме надвор од земјата во Европа и пошироко да обезбедат ресурс, доволен да производните капацитети обезбедат електрична енергија која што ќе биде за бизнис заедницата, ќе повторам за стопанството која што ќе биде двојно поевтино, најмалку двојно поевтина потенцирам поевтина од таа која што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX која што милува власта да ја каже, ќе повторам двојно, најмалку двојно поевтино, а воедно да обезбедиме ресурс со кој што корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината која што ќе користат и со кои што ќе ги затоплуваат своите домови.

Сите контакти кои што ги имаме на располагање, кои што се последица на нашиот животен пат, успеваме да ги исконтактираме изминатиот период и ги ставаме на располагање на бизнисот, а се со цел да помогнеме да најмалку 650.000 наши сограѓани кои што работат во приватниот сектор ги задржат своите работни места имајќи в предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број наши сограѓани ги изгубија своите работни места. Меѓу поголемите тука би ги вбројал Фени комбинатот во Кавадарци, Бучим комбинатот во Радовиш, но и останати комбинати кои што значително учествуваат во зголемувањето на бруто домашниот производ на Македонија, рече Мицкоски и додаде:

„Ќе повторам ги ставаме на располагање на бизнис заедницата, а индиректно и на Владата во овие тешки времиња кога гледаме дека државата полека но сигурно влегува во амбис, на располагање сите наши контакти, да обезбедиме ресурси со кои што ќе произведеме електрична енергија, која што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа која што е на референтната берза – HUPX. И истата да ја користи стопанството, а се со цел да спасиме стотици илјади работни места од губење, во периодот кој што следи. А, граѓаните кои што се корисници но и институциите кои што се корисници на централното затоплување во Градот Скопје да не добијат повисоки сметки за парно.

И вториот предлог кој што исто така јавно сакаме да го соопштиме е предлог закон со кој што ќе бараме измена на Законот за енергетика, кој што ќе биде доставен до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела во собраниска процедура. Со кој што ќе побараме сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Зошто ова го велам? Затоа што доколку продолжат вака да функционираат овие три групи на субјекти тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред Регулаторната комисија за регулирање на цени за енергија и вода, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните.

Зошто велиме за училиштата, затоа што ние не сме децата да =учат онлајн туку да бидат онаму каде што им е местото, во училишните клупи. На тој начин ќе го олесниме животот и на родителите, кои што денеска мака мачат доколку децата повторно учат онлајн наместо во училишни клупи да најдат кој да биде со нив додека го поминуваат времето во домовите.

И конечно третото, јавните здравствени установи кои тонат во долгови да им го олесниме начинот на функционирање, наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите.

Тоа се двете пораки кои денеска јас ги имам до владата. ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција во овие тешки времиња кога државата оди директно во амбис, а имајќи го предвид фактот дека имаме една стихијна и хаотична состојба, нуди решенија како да се ублажат ефектите на оваа енергетска криза, а веќе и финансиска криза“.

28.09.2022 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега