Мицкоски: Новата иднина која ќе ја донесеме е сонот на нашата генерација

„Новата иднина која ќе ја донесеме е сонот на нашата генерација за место какво што сакаме да имаме и какво што за жал немаме овие 30 години. 30 години своја независна држава од историски аспект е само еден миг, но за сите нас овде е речиси половина живот“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на митингот во Штип.

Мицкоски додаде дека 30 години се потрошија во чекање.

„Тие 30 години ние ги потрошивме во чекање, а денес сме во затворен круг од кој заедно со оваа власт не можеме да излеземе. И не важи она правило кое го слушам понекогаш- “што може да направиме, ние сме премногу мали”. Не е така ви велам, затоа што најважни се идејата и волјата за промени на работите. А, тоа овој пат, овој пат, зависи само од нашата лична одлука. Ќе продолжиме да чекаме, или ќе направиме голем исчекор напред кон достигнување на нашите соништа. Тука во оваа претстава за нас самите, нема мали и големи, туку од самите нас, од вас зависи какви одлуки ќе донесеме. А, овие избори се тоа, одлука за нашата иднина. Сакаме ли да продолжиме во затворениот круг на разочарувања, неисполнети ветувања, идентитетски обезличувања, или ќе донесеме одлука која ќе не дефинира како борци за нашата иднина“, појасни Мицкоски.

Мицкоски посочи дека локалните избори се одлука во каква иднина сакаат граѓаните да живеат.

„Мојот татко дојде од Кичево во Скопје пред нешто од половина век, остана таму и формираше семејство. Освен својот куфер, понесе сон и идеја за тоа каква иднина му посакува на неговото семејство. И вакви примери се многу во нашата Македонија, многу други татковци го врвеа тој пат, низ многу потешки искушенија и предизвици. И мојот се бореше, макотрпно, жилаво, и чесно исто како и вашите татковци. Повеќе од половина век подоцна, не можам да кажам дека е исполнет неговиот сон, затоа што колку и човек да има успеси, не постои нешто  како личен напредок во неуспешното општество. Ние имаме држава, но немаме колективни успеси. Ние денес имаме соништа, но имаме власт која го ограничува индивидуалниот потенцијал да стане колективна победа. Немаме здрав систем, но имаме изместени вредности. Затоа ја водам оваа битка, затоа што нам ни треба иднина, во која сите заедно без исклучок ќе успееме. Во која нашите татковци ќе имаат синови и ќерки кои ќе го развиваат својот потенцијал и чија способност ќе ја движи Македонија напред, во која ќе имаме цели за кои вреди да се бориме, да тагуваме, радуваме, но ќе знаеме за што опстојуваме и работиме“, истакна Мицкоски.

15.10.2021 - 21:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега