Мицкоски до Јорданов: Тоа што сте член на Европскиот Парламент не ви го дава правото на непочитување кон Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, преку објава на својот фејсбук профил, упати порака до европратеникот Александар Јорданов за навредувањето на Македонија и негирањето на македонската нација. 

„Го прочитав европратеникот Александър Йорданов и неговото гледање на моите позиции и ставови, неговите навреди кон Македонија и фалсификувањето на историјата и негирањето на македонската нација. Секако ова тврдење доаѓа по ползувањето на дипломатските придобивки кој како амбасадор на Бугарија ги уживаше во Скопје и Македонија при што луѓето кои го познаваат знаат да речат дека често пати со исклучителна љубов и почит говорел за нашето гостопримство. Тогаш за разлика од сега не му сметаше дека зема плата поради неговиот престој во Република Македонија каде постои македонски народ“ објави став на Фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој својот коментар го насочи по изнесените ставови на поранешниот бугарски амбасадор во земјава, кој имаше објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“

„Тоа што сте член на Европскиот Парламент не ви го дава правото на непочитување кон Македонија и постојаните фалсификати, историски и политички за кои говорите и ги произведувате. Кога говорите за Гоце Делчев можам само да благодарам на мудроста на вашите претходници и бугарски политичари кои ја испочитуваа желбата на големиот македонски херој и ги предадоа моштите во единственото слободно парче македонска почва, денешна Република Македонија. Тоа беше акт на бугарската почит кон македонскиот херој Делчев. Но за жал не пропуштате ниту миг да го изгнасите и нивниот чекор на пријателство, и нашето природно право слободно да се повикуваме и да го славиме неговото дело“ напиша Мицкоски.

Првиот човек на опозициската партија на Јорданов му порача:

„Никој не ви го спори правото да го почитувате Гоце Делчев, доколку сакате. Но почитувајте го во целост и она што вистински бил. Македонец кој се борел за слободна Македонија“.

Мицкоски прашува:

„Цивилизирано ли е што еден европратеник како вас има навреди кон соседната држава со речник кој е недостоен и исполнет со патолошко и компулсивно лажење. Тоа што сте член на Европскиот Парламент не ве прави поголем европеец од нас Македонците коишто отсекогаш тежнееле и биле дел од заедничката прозападна идеја, туку ја зголемува вашата одговорност да се придржувате до цивилизираното однесување кое отсуствува во вашето делување“.

 

 
 

07.02.2023 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега