МФ: Со новиот модел антикризни мерки остануваме на патот на заштита на граѓаните и стопанството
Министерството за финансии на Република Македонија преку соопштение порача дека со новиот модел антикризни мерки остануваме на патот на заштита на граѓаните и стопанството.
„Во насока на едновремено насочување на мерките кон ранливите категории на граѓани, но и постепена фискална консолидација, новите антикризни мерки ќе бидат таргетирани. Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, додека исто така ќе продолжи определбата за водење прудентна фискална политика, која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците - во насока на зголемување на приносите, како и средства за покачување на пензиите,и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход.
Веднаш по усвојувањето на ребалансот, во најкраток рок ќе започне имплементација на новите антикризни мерки. Новиот модел на таргетирани мерки, кој е во насока на последните препораки на меѓународните финансиски институции - ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност, има три цели: заштитa на најранливите категории, праведна распределба на средства и постепена фискална консолидација, што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на домашната економијата воопшто.
Со ребалансот на буџетот, и покрај одредено проширување на дефицитот, тој е сепак под нивото во 2021 година, и значително под нивото од кризата 2020 година. На среден рок се планира стеснување на буџетскиот дефицит преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, мерки за намалување на сивата економија и за спречување; намалување и реструктурирање на буџетските расходи, кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите, промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд.
Со првиот пакет мерки беа амортизирани првите силни удари на кризата, како спречување на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што ги запревме инфлаторните притисоци за да спречиме повисоки стапки на инфлација. Даночните ослободувања беа направени во комбинација со мерките за замрзнување на цените и на маржите на производите. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра и еден од највисоките фискални стимули издвоени во регионот“, соопштија од Министерството за финансии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа