Мажот кој продавал пејџери на Хезболах заминал во САД, по што му се губи трагата


Норвешката полиција издаде меѓународна потерница за маж поврзан со продажба на пејџери на милитантната група Хезболах.

39-годишниот Ринсон Хозе, основачот на Норта Глобал, бугарска компанија наводно вклучена во синџирот на снабдување со пејџери, исчезна за време на службено патување во САД минатата недела.

„Вчера добивме дојава дека исчезнало лице поврзано со пејџерите. Отворен е случај за исчезнато лице и по него распишавме меѓународна потерница“, соопшти полицијата во Осло.

Хозе одби да зборува за пејџерите кога Ројтерс го контактираше на 18 септември и ја спушти слушалката откако беше прашан за работењето на компанијата во Бугарија. После тоа повеќе не одговараше на повиците и пораките на новинарите. Покрај тоа што има своја компанија, Хозе работи и во одделот за продажба на норвешката медиумска компанија DN Media Group.

Работодавецот потврди дека Хозе патувал на конференција во Бостон на 17 септември, но изгубил контакт со него следниот ден. Според бугарскиот корпоративен регистар, Хозе во 2022 година ја основал Норта Глобал, компанија со седиште во главниот град Софија.

Бугарските власти ја испитуваа улогата на компанијата во снабдувањето на пејџерите, но не најдоа докази дека тие биле произведени или извезени од Бугарија.

27.09.2024 - 11:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега