Марин демантира: Општина Аеродром нема да потроши ни денар буџетски средства за набавка на нови телефони

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, преку соопштение ги демантира шпекулациите за набавка на мобилни телефони со буџетски пари, што се појавија во некои медиуми. Тој вели дека одлуката што е проследена во написите е составен дел на упатството за користење службени мобилни телефони во Општината и е изгласана на седница на Советот од страна на сите 27 советници.

„Станува збор за определување максимална висина на бенефиции што ќе може да ги искористат вработените и советниците во иднина, а претставуваат право на Општина Аеродром во согласност со договорот за користење мобилни услуги со компанијата ‘Македонски телеком’ во времетрање од 24 месеци.

Во тој контекст нагласувам дека Општина Аеродром нема да потроши ни денар буџетски средства за набавка на нови мобилни телефонски апарати, односно станува збор за субвенција по основ на претплатничка линија. Дополнително, ја информирам јавноста дека со бенефициите што ги има добиено Општина Аеродром врз основа на ваквиот договор првпат во државата е овозможено јавно и транспарентно да бидат споделени во рамките на општинската администрација.

Договорот со мобилниот оператор е јавно достапен на системот за е-јавни набавки и секој може да се увери во максималниот ефект што Општина Аеродром го има добиено при спроведување на јавната набавка за мобилни услуги“, се вели во демантот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.05.2021 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа