Македонка која живее во Лариса: Беше морничаво, прво бучеше, па тресеше

Сега сме надвор, бидејќи тресе цело време. За време на земјотресот беше морничаво, прво бучеше, а потоа тресеше, раскажува Виолета Димкова, Македонка која живее во Лариса, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по силниот земјотрес од шест степени што го погоди денеска централниот дел на Грција.

Димкова објаснува дека на централниот плоштад во Лариса има собрано луѓе, а во градот со оглед на тоа дека се тесни уличките, има заглавени возила.

– Многу беше морничаво. Тресеше многу, прво бучеше. Јас бев во автомобилот, во една од тесните улички и прво почна да бучи, мислев дека работи некој компресор, но почна да се ниша и автомобилот, се вртам и гледам зграда која буквално се тресе напред назад, раскажува Димкова за моментите кога се случи земјотресот со јачина  од шест степени според Рихтеровата скала.

Таа вели дека во делот каде што живее нема материјални штети, со исклучок на повисоките катови од зградите, а раскажува дека земјотресот особено ги исплашил соучениците на нејзините деца.

– Не ги пуштија децата да си одат, ги задржаа додека не дојде родител да ги земе. Утре нема да имаат настава. Децата биле многу исплашени, пет дури се онесвестиле од страв, додава Македонката која живее во Лариса.

Дополнителен проблем за жителите на Лариса и околните населени места беше и тоа што веднаш по земјотресот падна мрежата на мобилните оператори и целосно беа во прекин телекомуникациите и интернетот.

– Одев да ја земам ќерката од училиште и не можев да ја добијам. Немаше никаков сигнал, ниту пак интернет, објаснува Димкова во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Земјотресот се случи во 12.16 часот по локално време со епицентар на 15 километри јужно од општина Еласонас во регионалната единица на Лариса, а беше почувствуван во повеќе делови на Грција, но и во Северна Македонија.

Во наредните 90 минути следеа уште 11 други земјотреси, од кои еден од пет степени, а осум над четири степени според Рихтеровата скала, согласно податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија.

Грчките сеизмолози за медиумите, велат дека сè уште не можат со сигурност да кажат дали земјотресот од шест степени беше и главниот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.03.2021 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега