Левица бара одговорност: Со газење и палење на македонското знаме се славеше Денот на албанското знаме

 

Иредентизмот кои го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеа својата кулминација! Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување на македонски симболи во некои основни училишта, велат од Левица.
 
„Особено вознемирувачки за мнозинскиот македонски народ е фактот што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците. Дополнително, Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски, и покрај сето дивеење по скопските улици и улиците во другите градови каде се „славеше“, не презеде соодветни мерки за спречување и санкционирање на овие инциденти, што укажува на сериозен пропуст во заштитата на јавниот ред и мир. 
 
Кога се работи за самоволието на албанската заедница, потсетуваме дека за време на 2 Август, еден од најголемите национални празници на Македонија, наместо да се организираат свечености за подигање на македонската свест, бевме сведоци како се игра шота пред Собрание на Македонија.
 
Левица бара од надлежните органи ИТНО да спроведат истраги за сите инциденти и тие соодветно да бидат санкционирани. Потсетуваме дека со молчење кон понижувањата не се гради соживот, туку само се потпомага во остварување на крајната цел на иредентизмот на ДУИ и ВРЕДИ, а тоа е федерализација и распарчување на Македонија“, стои во соопштението од Левица.
29.11.2024 - 10:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа