Кузеска: Парламентарното мнозинство е стабилно
Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на кризата, изјави денеска портпаролот на СДСМ Богданка Кузеска за МИА.
-Тоа се внатрепартиски работи, се изјасни вчера претседателот на партијата, јас не би го коментирала. Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на економската и енергетската криза, како и на скрининг процесот кој веќе тече, вели Кузеска повторувајќи го ставот на партијата по информациите за случувањата во нивниот коалициски партнер ДУИ.
Претходно денеска за информациите поврзани со ДУИ на прес-конференција одговори на новинарско прашање и министерот за надворешни работи Бујар Османи, потеницирајќи дека лажна вест е информацијата за негова смена и дека таа не заслужува никаков коментар.
Во однос на отвореното писмо од група членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.
Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.
– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.
Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висат Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа