Град Скопје донесе стратешки план за намалување на ризици од катастрофи

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, го презентираше стратешкиот план за намалување на ризици од катастрофи на Град Скопје, сеопфатен и инклузивен план за зајакнување на отпорноста кон кризи и несреќи, но и брзо закрепнување на заедницата по евентуална природна катастрофа.

„Стратешкиот план за намалување на ризици од катастрофи на Град Скопје е сеопфатен и инклузивен план за зајакнување на отпорноста кон кризи и катастрофи преку исполнување на неговата главна цел: до 2025 година, Град Скопје да биде отпорен на хроничните стресови и акутните шокови со соодветни, локално управувани и одржливи капацитети за превенција и ублажување на ризиците, подготвеност и одговор на катастрофите и надминување на кризата“, кажа Шилегов.

Планот обезбедува стратешка рамка за развојот на пристапот кон намалувањето на ризиците од катастрофи на локално ниво, како и за преземање низа мерки и активности кои се реални, практични и применливи.

Шилегов дополни дека со оглед на фактот дека станува збор за прв план од овој тип, за пристапот на намалување на ризици од катастрофи, голем исчекор напред ќе претставува и реализацијата на барем 2/3 од предвидените мерки и се надева дека во наредниот 4 годишен период ќе го реализира планираното.

„Покрај тоа, во рамките на мерките и индивидуалните активности, се утврдуваат и носителите и генералните партнерски институции. Дефинирањето на потребните финансиски средства ќе се определува на годишно ниво, преку буџетот на Град Скопје, буџет на општини на подрачјето на градот; буџетите на РСМ и другите субјекти, како и донаторското учество“, рече Шилегов.

20.09.2021 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа