ФОТО: На планинарските патеки на Водно и Скопска Црна Гора се поставија патокази и инфотабли

Како дел од пилот-проектот за маркирање на планинарски и велосипедски патеки низ Скопје, на планинските патеки на Водно и Скопска Црна Гора се поставија патокази и инфотабли, што ќе овозможат полесно и побезбедно движење во природата.

На денешната прес-конференција, што се одржа на Средно Водно  Петре Шилегов и амбасадорот на Република Чешка во РСМ, Мирослав Томан, ги истакнаа деталите за проектот.

– Денеска и официјално го започнуваме трипартитниот проект меѓу Градот Скопје помогнат од Амбасадата на Чешката Република и Планинарскиот сојуз на Република Северна Македонија за мапирање на планините во Скопје. Овде на Водно, поставивме 42 патокази и 6 инфотабли, а новина е што ќе поставиме и 12 патокази и 2 инфотабли и на Скопска Црна Гора и ќе го префрлиме фокусот и на другата планина која ја ограничува Скопската котлина, истакна Шилегов.

Тој  додаде дека покрај првата нагорна планинска велопатека на Водно, во постапка е формирање на уште две велопатеки, со што Водно ќе биде дел од туристичката мапа на градот.

– Очекувам дека со овие подготовки што сега ги правиме, по завршувањето на пандемијата кога граѓаните, но и туристите, ќе почнат да се движат ќе успееме Скопје и Водно да ги направиме атрактивни за посетителите, изјави градоначалникот.

Шилегов истакна  дека кога пред три години Градот Скопје почна со организираното паркирање на Водно беше нагласено дека средствата што ќе се слеваат од наплатата на паркирањето ќе бидат вратени за уредување на планината.

– Ова е добра можност да кажеме дека досега имаме собрано околу 90.000 евра од наплатата на паркирањето на Водно и тие средства ќе бидат вложени за подобрување на инфраструктурата на оваа планина. Упатувам благодарност до Чешката амбасада и до една група чешки планинари кои своето искуство го пренесуваат на луѓето од Планинарскиот сојуз, но и на вработените од Секторот за локален економски развој. Токму поради квалитетот  што тие го имплементираат во својата држава можеме да кажеме дека европските стандарди полека ги внесуваме и на нашата планина, нагласи Шилегов.

Амбасадорот Томан истакна дека Чешката Република е позната како земја со развиен систем на формирани и маркирани патеки за планинари, велосипедисти или за скијање.

– Нашата идеја беше да го пренесеме нашето знаење овде и да ги поврземе луѓето за да работат заедно. Република Северна Македонија е прекрасна земја, со убава природа, планини и езера и треба да се размислува како да се привлечат што повеќе туристи да ја посетат. Што повеќе мапи и патеки имате за локалните жители, но и за туристите, толку повеќе луѓе ќе дојдат и ќе ја запознаат оваа убава земја, изјави  Томан.

Пилот-проектот на Федерацијата за планинарство за маркирање на планинарски и велосипедски патеки низ Скопје е поддржан од Градот Скопје и од Чешката амбасада преку програмата на Чешката Република за развој и соработка за финансирање на мали проекти. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.11.2020 - 16:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега