(Фото) Медитеранот во пламен: Шумски пожари избувнаа во најмалку девет земји, загинаа повеќе од 40 луѓе

 

 

Илјадници пожарникари во Европа и Северна Африка работат на екстремни горештини за да ги локализираат пожарите поттикнати од високите температури и силните ветрови, пишува „Гардијан“.

Повеќе од 40 луѓе загинаа во Алжир, Италија и Грција, бидејќи медитеранските пожари им се закануваат на селата и одморалиштата, а илјадници луѓе се евакуирани.

Грција подготвува повеќе летови за евакуација од Родос, а пожари беснеат и на островите Крф и Евија, јавува Би-Би-Си.

Сегашниот долг топлотен бран по се изгледа нема да стивне, а се очекува во некои делови на Грција температурите да се искачат над 44 степени.

Пожарите во Сицилија и Пуља принудија илјадници луѓе во Италија да побегнат од тие места.

Во Алжир, 8.000 пожарникари се бореа со пожарите низ северниот дел на земјата. Пожарите беснееја во вкупно 15 провинции, што доведе до евакуација на повеќе од 1.500 луѓе.

Алжирската веб-страница „Ти-ЕС-Еј“ ја цитираше Националната метеоролошка служба, која објави дека температурите во некои региони достигнале околу 50 степени.

Италија беше погодена и од силно невреме и шумски пожари. Најмалку седум лица загинаа во вторник во Италија во невремето на северот и пожарите на Сицилија.

Грција исто така беше особено тешко погодена ова лето, бидејќи властите евакуираа повеќе од 20.000 луѓе од домовите и одморалиштата на југот на островот Родос во последните денови.

Речиси 3.000 туристи од вторникот се вратиле дома со авион, според податоците на Министерството за транспорт, а туроператорите ги откажале претстојните патувања.

Во Франција, речиси 100 пожарникари користеа хеликоптер за да ги локализираат пожарите во општините во близина на меѓународниот аеродром во Ница, соопштија официјални лица.

Повеќе од 300 пожарникари се бореа да го локализираат пожарот во близина на градот Арло, соопшти полицијата.

Во Хрватска ветерот бил толку силен што противпожарните авиони не можеле да полетаат, јавуваат локалните медиуми. Пожарникарите се бореа со шумските пожари што се шират јужно од Дубровник, туристичка дестинација на Јадранот.

Ветерот донесе катастрофа и во Црна Гора, каде што две лица се удавија, а неколку се повредени кога силен јужен ветер го зафати брегот, соопштија пристанишните власти во Улцињ и Петровац.

Во меѓувреме, пожарот кој брзо се шири во центарот на шпанскиот остров Гран Канарија ги принуди властите да евакуираат неколку стотици селани, да затворат три патишта и да распоредат хеликоптери за гаснење на пожарот.

Антонио Моралес, шеф на островскиот совет Гран Канарија, изјави дека околу 100 пожарникари и девет авиони работат на гаснење на пожарот, кој досега уништи 200 хектари шума.

Пожарите избувнаа i во Португалија, во планинската област на паркот Синтра-Каскаис, кој зафаќа околу 145 квадратни километри западно од Лисабон.

Португалија се соочува со голема суша, која зафати голем дел од земјата.

26.07.2023 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега