Филмски грабеж кај Загреб: Петмина влегле во продавница, шестиот чувал стража, за минута украле сѐ и побегнале

 

 

Хрватската полиција сѐ уште трага по младите луѓе кои во понеделникот вечерта упаднаа во продавница за мобилни телефони во Долна Река кај Јастребски кај Загреб.

Нешто повеќе од една минута им требало на провалниците од првиот удар на стаклото на вратата од продавницата до излезот до автомобилот за да украдат десетици мобилни телефони вредни околу 100.000 евра.

Вака изгледаше добро координираната кражба од продавницата за мобилни телефони ТИА во Долна Река кај Јастребски, која камерите ја снимија во понеделникот вечерта. Снимиле шест мажи со две возила „бмв“ како доаѓаат пред зградата во која се наоѓа продавницата. Се гледаат пет лица како влегуваат и почнуваат да грабаат сѐ од шкафовите и полиците. Камерите снимиле млади мажи во тренирки како ставаат телефони и други уреди и опрема во чанти. За да не бидат препознаени, тие ги завиткале главите во шалови, капи и качулки.

Петмина од нив влегле во продавницата, а шестиот останал да стражари. Точно по нешто повеќе од една минута истрчале надвор до автомобилот со пленот. По бегството, им се губи секаква трага.

Сопственикот на продавницата за „24сата.хр“ потврдил дека крадците сѐ уште се во бегство и дека нуди награда за информација која би ги открила.

„Имав слична кражба во февруари и бргу ги фатија. Стануваше збор за банда романски државјани. Сакале да побегнат во Словенија“, рекол сопственикот и додал дека знае оти биле пуштени по еден месец истражен притвор. Може само да претпостави дека токму истите тие луѓе дошле да си ја дозавршат работата.

Она во што е сигурен е дека двајца членови на оваа екипа дошле како извидници во саботата. Едниот имал капа и качулка на главата, а другиот само капа. Интересно е што на него имал отпечаток од слика, која вообичаено ја користат луѓето за да ги попречат компјутерските програми во идентификацијата на лицата. Ниту еднаш не ја кренаа главата кон камерите, а се обидоа да купат мобилен телефон. Се претпоставува дека се обиделе да купат телефон со украдена картичка бидејќи еден од нив постојано внесувал погрешен ПИН.

Од загрепската полиција само потврдија дека истрагата за случајот сѐ уште е во тек.

28.06.2023 - 17:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега