Евростат: За девет месеци во земји на ЕУ азил побарале 12 илјади албански граѓани

 

Не престанува миграцискиот бран на албанските граѓани, кои за периодот јануари-септември годинава, според Евростат, поднеселе околу 12 илјади барања за азил во некоја од земјите на ЕУ, објави Ора њуз.

-Иако со побавно темпо во споредба со претходните две години, многу албански граѓани продолжуваат да бараат азил во некоја од земјите на Европската унија и во 2023 година. Последните податоци што ги објави Евростат покажуваат дека за периодот јануари-септември, барањата на албанските државјани за азил биле речиси 12 илјади (11.865). Во споредба со 2022 година, кога беше забележано највисокото ниво по пандемијата, барањата за азил се намалени за 32 отсто, што укажува на помала стапка на напуштање на земјата, во споредба со претходната година, додава телевизијата.

Во септември повторно е констатирано зголемување на протокот во однос на претходните месеци. Во септември барањата за азил достигнале 1.240, што е највисоко ниво од март, кога имаше повеќе од 1.500 барања. Во август, нивото на апликации паднало на околу илјада.

Генерално, околу 60 отсто од оние кои бараат азил се пријавуваат за првпат, додека останатите се со повторени барања.

Франција продолжува да биде главната дестинација во која одат албанските граѓани кои сакаат да бараат азил, како резултат на повеќе социјални политики што ги следи. На второ место е Германија, а по неа е Италија.

22.12.2023 - 16:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега