Ескобар: Не е точно дека САД не сакаат Срби во новата влада на Црна Гора
Специјалниот американски претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека Вашингтон очекува новата црногорска влада да биде проевропска и реформистичка и посочи дека не е точно оти САД не сакаат Срби во новата црногорска влада.
„Ќе кажам дека е дезинформација дека САД сакаат да ги исклучат Србите од владата“, рече Ескобар во интервју за црногорската јавна телевизија РТЦГ.
„САД сакаат Црна Гора да има добри односи со Србија, но прашање е какви се намерите на партиите кои рекоа дека ќе го повлечат признавањето на Косово, ќе го доведуваат во прашање членството во НАТО, ќе се спротивстават на санкциите против Русија и многу други работи кои ги повторуваа до последните избори“, рече Ескобар.
Ескобар изрази сомневање дека просрпската десница во Црна Гора искрено сака да се сврти во проевропска насока.
Иако не го спомна тоа експлицитно, алудираше на просрпската и проруската коалиција „За иднината на Црна Гора“ предводена од Андрија Мандиќ, која сака да влезе во новата црногорска влада, но не е прифатена од мандатарот Милојко Спајиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа