Џафери: Донесената Резолуција е потврда дека имаме заемна почит и водиме заедничка битка

Пораки за заемно почитување, за општество на сите граѓани и европска иднина, испрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговото обраќање по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.

„Ако го погледнеме Крушевскиот манифест, документите на АСНОМ од ’44-та ќе видиме дека јасно се дефинирани општите и посебни човекови права и слободи во кои јасно се дефинирани мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфенсионалниот карактер на нашата држава. И ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа само го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената цел, а тоа е заеднички дом со јасна визија, мудрост и развој“, рече Џафери.

Не беше лесно да се опстане низ години, рече собранискиот спикер, ниту беше лесно да се сочува мирот и зајакне безбедноста, ниту да се одржи економската стабилност, но желбата за заедничка, слободна и независна држава доведуваше нашата земја да биде светол пример за успешна приказна во регионот.

Според Џафери, членството во НАТО докажува дека државата се движи по правиот пат. Тој потсети дека биле донесени тешки државнички одлуки за да се деблокира евроатлантската интеграција, а го спомена и спорот со Бугарија и Резолуцијата за црвените линии донесена неодамна во парламентот.

„За жал, спорот со Република Бугарија го отежнува нашето чекорење кон европското семејство иако бевме и сè уште сме отворени за искрен дијалог, поучени од нашето искуство со друга соседна земја дека единствено отворениот дијалог е вистинскиот начин за постигнување на заемно прифатливо решение. Дозволете да се надоврзам на неодамна донесената резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции која се донесе со едногласно позитивно гласање на пратениците од различни провиниенции. Зарем не е тоа најдобра потврда за тоа дека имаме заемна почит, водиме заедничка битка во одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото?“, рече претседателот на Собранието.

02.08.2021 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега