Десет години затвор им се заканува на српските напаѓачи во Бањска
На уапсените српски напаѓачи во инцидентот кај селото Бањска во Косово има се заканува казна од 10 години до доживотен затвор.
Тие ќе одговараат за тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово, за подготовка терористички дејства или кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово и за неовластено поседување, контрола и држење оружје.
По вооружениот инцидент, властите во Приштина упатија обвинувања дека станува збор за криминална група, која била „поддржана и финансирана од Србија“ барајќи казна и санкции од официјален Белград.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свеќља, изјави дека Србите што се судрија со полицијата „планирале да го дестабилизираат северот и потоа да прогласат автономија во близина на реката Ибар“. Тој во интервју за „Евроњуз Албанија“ изјави дека групата ја предводел потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичи, „по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.
Српскиот претседател, пак, изјави дека убиството на полицаецот на Косово е апсолутно за осуда и дека такво нешто нема оправдување. Тој во своето обраќање по инцидентот рече дека се случило она за што долго време предупредувал, а тоа е дека Србите се побуниле „не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа