Царовска: МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик
Отворањето на подновената Спомен-соба на Крсте Мисиркове е навистина значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, и не само за Министерството за образование и наука, туку за целата држава, затоа што на овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.
Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Градот Скопје.
„Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставници кои ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава за прв пат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик“, нагласи министерката Царовска.
Истакнувајќи ја плодната соработка, Царовска посочи дека Министерството за образование и наука го прифаќа иницијативите кои доаѓаат од Институтот и заедно со Владата, премиерот и Министерството за култура даваат голема поддршка на процесите за зачувување, негување и унапредување на македонскиот јазик.
Директорката на Инстититутот, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и во годината на чествување на Блаже Конески.
„Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги постави основите на правата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа макеоднска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик“, кажа Јованова-Грујовска.
Спомен-собата на Мисирков содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата ‘За македонцките работи’, објавена во 1903 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа