Борел: Да се одржат нови избори на северот на Косово со безусловно учество на Србите, КФОР не може вечно да ги чува градоначалниците
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борел, денеска изјави дека мора да се организираат нови избори во сите четири општини на северот на Косово, со безусловно учество на Србите.
„Силите на НАТО не можат вечно да ги чуваат градоначалниците кои имаат поддршка од два или три отсто од граѓаните“, рече Борел на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија.
Тој посочи дека двете страни мора да организираат нови избори, а неучеството на Србите „ќе доведе до ситуацијата во која се наоѓаме денес“.
Борел изјави дека причината за проблемот е што градоначалниците немаат легитимитет и со тоа ги провоцираат демонстрантите.
Тој рече и дека се очекува „европско однесување“ од идните членки на Европската унија и додаде дека ЕУ ќе ги продолжи контактите со двете страни. Високиот претставник на ЕУ нагласи дека земјите-членки презеле мерки, доколку е потребно, да го поддржат дијалогот за нормализација на односите.
Одговарајќи на новинарско прашање за какви мерки станува збор, Борел рече дека тие можат да бидат политички и финансиски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа