Битиќи: Следната недела ќе знаеме од каде ќе се набавува електрична енергија
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека следната недела е клучна кога би требало да се знае од каде ќе се набавува електрична енергија.
– Има позитивни сигнали. Наредната недела ќе имаме конкретни сознанија што е тоа што можеме да го понудиме на стопанството, рече Битиќи во изјава за медиумите дадена по манифестацијата посветена на граѓанските организации и социјални претпријатија.
Се што е под берзанската цена, според Битиќи, може да се третира како евтина цена.
– Имаме ситуации кога цените одат до 1.000 евра по мегават и ако се понуди цена од 300 евра, тоа е навистина евтино зашто е помалку од една третина од цената на електричната енергија. Знам дека капацитетот на стопанството понекогаш не е толку подготвен да го плати, но се обидуваме да им обезбедиме. Ова се времиња на преживување. Со нив сме во секојдневен контакт, со повеќето од претставниците на членките или компаниите на слободниот пазар и следната недела ќе имаме јасна слика што е тоа што ќе го понудиме, изјави Битиќи.
Оние кои се на регулираниот пазар, според Битиќи, не треба да стравуваат дека ќе нема електрична енергија затоа што се обезбедени суровини за доволно производство на електрична енергија.
– Тоа значи дека граѓаните и 70 илјади компании кои се наоѓаат на регулираниот пазар не треба да стравуваат за електрична енергија до март следната година, нагласи Битиќи.
Прашан дали е голема разликата во цената што ние ја нудиме и Бугарија што ја бара, Битиќи рече дека во преговори мора да има разлики, но уште еднаш нагласи дека следната недела е клучна за да се знае од каде ќе се обезбеди електрична енергија.
– Состаноците физички не се одржини, а контакти се одржуваат секојдневно и со Бугарија и со Србија и Турција и тие ќе продолжат и наредните денови. Во преговорите мора да има разлики, инаку не би ни имало преговори. Сметам дека наредната недела е клучна за да се знае и да пресечеме од каде ќе се осигура електрична енергија. Правиме напори да се ослободат одредени прекугранични капацитети за пренос на електричната енергија, истакна Битиќи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа