Бесими: Веќе се преземаат мерки со цел да се намали сивата економија

 

Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива, како и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде што ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата, се шестете приоритети таргетирани со Акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на настан „Неформалната економија – причини, предизвици и потенцијални решенија“, во организација на Катедрата за економија при УКИМ.

Министерот притоа потенцира дека веќе се преземаат мерки со чијашто реализација се таргетираат конкретните приоритети за намалување на сивата економија.

– Преминот од неформален во формален сектор, би  ја намалил нелојалната конкуренција, би создал услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, би го зајакнал даночниот морал и би повлекол зголемување на бруто домашниот производ. Ова кажува колку е важно преземање итни мерки и акции за сузбивање на неформалната економија. потенцира министерот.

Притоа како една од поважните мерки, министерот ја издвои изготвената Студија за утврдување на клучните причини за постоење на неформалната економија, која воедно ги мапира потребите за промени, дава препораки за превенција, како и индикатори за мерење на застапеноста на неформалната економија.

– Самата студија е од големо значење ако се има предвид дека согласно истата ќе се базираат понатамошните чекори кои треба да се преземат при справувањето со оваа негативна појава, потенцира министерот Бесими, додавајќи дека Министерството за финансии и останатите институции во следниот период детално ќе ги анализираат препораките дадени во Студијата и ќе работат на изнаоѓање ефикасен начин за нивно спроведување.

Во рамки на Акцискиот план воедно се спроведува и кампањата „Внеси боја во сивата економија“ која започна минатата година, а чија цел е да ја подигне свеста за последиците од нерегистрираните економски активности врз квалитетот на животот на секој граѓанин, како и да поттикне нивно намалување. За оваа цел беше лансирана и веб страната vnesiboja.mk  со што кампањата доби и едукативна улога со тоа што граѓаните сега можат да се информираат што претставува сивата економија, како може да ја препознаат истата и кои се последиците од нејзиното поддржување.

На настанот учесници беа деканот на Економски факултет, Предраг Трпески, професорите Борче Треновски и Билјана Ташевска, заменик на претседателот на Владата за политики за добро владеење Славица Грковска, заменик-постојан претставник на УНДП Сања Бојаниќ, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и главниот државен ревизор Максим Ацевски. 

01.06.2022 - 17:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега