Бесими: Справување со кризата, продолжување со реформите и одржување на растот
Со примени три дози на вакцини, минатата недела се тестирав позитивен на ковид, по што поминав една недела во изолација дома, кога ја напишав и оваа колумна, а благодарение на технологијата немаше застој во работењето и сите планирани состаноци ги реализирав виртуелно. Комплименти до вработените во Министерство за финансии, кои цело време беа на ниво на задачата, како и до раководството со кои функционираме како еден тим. Но, поентата ми е на еден друг аспект, ние веќе се соочуваме со друга криза, енеретската и инфлацијата и големи неизвесности на пазарите од војната во Украина, а сѐ уште не е завршена претходната, односно Ковид сѐ уште е присутен. Значи имаме преклопување на кризи, една врз друга, што во кумулатив ја прави состојбата да биде една од најтешките после Втората Светска Војна.
Преклопување на кризи, една врз друга
Афтершок - потрес, ефект од претходен голем потрес или подобро кажано преклопување на кризи - една врз друга. Oва најдобро го опишува она што се случува со светската економија сега. Ова е афтершок на кризата предизвикана од пандемијата ковид-19, а дополнително стимулиран од геополитичките случувања, кои кулминираа во војната во Украина. Корона-кризата е најголемата економска криза со која се соочил светот по Големата депресија. Сепак, светската економија многу брзо успеа да се врати на нозе. По падот на глобалната економија во 2020 година од -3,1%, во 2021 година следеше брзо опоравување со робустен раст на бруто домашниот производ од 6,1%. Благодарение на бескомпромисниот, силен одговор на носителите на политиките, светот успеа да ја преброди оваа криза многу побрзо и поефективно во споредба со глобалната финансиска криза. На развиените и економиите во развој им требаше само една година да се вратат на нивото пред кризата, за разлика од глобалната финансиска криза, каде иако ударот беше послаб, подолго траеше.
Но, додека светот и економијата успешно заздравуваа од пандемијата, се појави нова закана - афтершок. Како резултат на успорувањето или целосното запирање на економската активност, дојде до намалување на понудата на стоки и услуги на светските пазари. При повторното отворање на економијата, понудата не успеа да одговори на брзорастечката побарувачка и како резултат на тоа дојде до раст на цените на светските берзи, особено на енергијата и некои од примарните производи. Секако, има и други чинители кои придонесоа кон ова. Имаше повеќе регионални случувања кои придонесоа за кусоци на енергија, вклучително и залагањата на Европската унија за намалување на емисиите на CO2.
Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци, кои преку меѓународните пазари се прелеаа во националните економии. Овие притисоци, својата кулминација ја забележаа по почетокот на руската инвазија на Украина, имајќи го предвид значењето на Русија и Украина во европските и светските синџири на добавување. Европа речиси 40 отсто од природниот гас и 25 отсто од нафтата ја набавува од Русија, додека третина од светскиот извоз на пченица доаѓа од Русија и Украина, петтина од извозот на пченка и 80% од извозот на сончогледово масло за јадење.
Сето ова резултираше со раст на стапките на инфлацијата, кои за многу економиите рушат рекорди поставени пред неколку декади. Според Меѓународната организација за труд (ILOSTAT), годишната стапка на инфлација глобално, мерена преку индексот на цени (CPI) во март се искачи на 9,2%, што е раст во споредба со февруари кога истиот индекс изнесува 7,5%, јануари 6,8%, додека декември 2021 изнесуваше 6,4%. За потсетување, во изминатата декада стапката на инфлација беше константно ниска, дури прениска и за некои централни банки беше предизвик да ги достигнат таргетите. Очекувањата на Меѓународниот монетарен фонд во април се дека кај развиените економии стапката на инфлација годинава во просек ќе изнесува 5,7%, додека за земјите во развој 8,7%, или за 1,8 и 2,8 процентни поени повисоко во однос на проекциите од јануари годинава.
Истовремено со растот на ценовните притисоци, поттикнати пред се од растот на цените на енергенсите, храната и некои други примарни производи, се влошуваат изгледите и за раст на глобалната економија. ММФ очекува глобалниот раст да забави од 6,1% раст на БДП во 2021, на 3,6% во 2022 и 2023 година. Ова е надолна ревизија за 0,8 и 0,2 процентни поени во однос на јануарската проекција, односно по почетокот на војната во Украина. Сепак, основното сценарио е дека и годинава економијата ќе биде во позитива, како што е впрочем и случајот со афтершокот, кој е помал потрес од првичниот.
Неизбежниот триаголник за носителите на економските политики
Војната во Украина, донесе една битна дилема за носителите на политките. Од една страна е справувањето со инфлацијата, а од другата страна е да не се задуши закрепнувањето на економијата. Исто така, од една страна се мерките и поддршката на разнливите категории, а од друга страна зајакнување на фискалните бафери, консолидација и стабилизирање на долгот.
Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка советуваат дека фискалната политика треба да се прилагоди согласно степенот на изложеноста на економија кон војната во Украина, состојбата со пандемијата и текот на закрепнувањето на економијата. Од една страна, поради неопходната фискална експанзија во многу земји во текот на пандемијата, долгот достигна рекордно високо ниво. Исто така, како резултат на реакцијата на централните банки на ценовните притисоци преку затегање на монетарната политика, владите се соочуваат со високи каматни стапки на пазарите на капитал. Сепак, потребата за консолидација не треба да ги спречи владите да дадат приоритет на соодветните мерки за поддршка на стандардот на ранливите категории на граѓани, особено чувствителни на ценовните притисоци и заштита на економијата.
Соочени со кризи, една после друга, а справени со предизвикот да не отстапиме од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на овие три цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација. Притоа, кризата бара брзи реакции и создава дополнителни трошоци за буџетот, додека одржување на растот бара конзистентни политики и реформи кои ќе дадат ефект на долг рок и фискалната консолидација е conditio sine qua non на среден рок.
Од аспект на управувањето со јавните финансии за остварување на целите од неизбежниот триаголник се пристапува од трите страни на буџетот: на страната на расходите со кратење и реприоритизација, на страната на приходите со реформи за поголема ефикасност и консолидација, и на страната на финансирањето со одржливи инструменти.
Ребаланс: Средства за нови мерки и кратења секаде каде може да се крати
Нашата економија, како мала и отворена (со 140% од БДП отвореност), е подложна на глобалните економски случувања, особено на случувањата во економијата на ЕУ. Руско-украинската криза, посредно, преку европската економија се рефлектираше и кај нас. Каналите преку кои веќе се чуствува оваа криза е растот на цената на примарните производи, особено на храната и на енергенсите. Имено, инфлацијата во април ја забележа својата највисока стапка (10,5%) од почетокот на деведесеттите години наваму. Останатите канали преку кои оваа криза може да делува на нашата економија се трговијата, намалувањето на довербата кај потрошувачите, а со тоа и на потрошувачката и затегнувањето на меѓународните финансиски пазари. Согласно ова и очекувањата за овогодинешниот раст не може да кореспондираат на проектираниот раст на БДП во буџетот за оваа година, кој беше донесен пред случувањата во Украина и изнесуваше 4,6%. Очекувањата на меѓународните финансиски институции за годинава за нашата економија се движат околу 3% раст на БДП во просек (ММФ со проекција од 3,2%, ЕБОР со проекција од 3% и Светска банка од 2,7%). Каков ќе биде исходот, сепак, ќе зависи исклучиво од тоа што ќе се случува понатаму во Украина, какви нови санкции ќе се наметнат на Русија и како сето тоа тоа ќе се рефлектира на нашите најголеми трговски партнери од ЕУ.
Сепак, едно е јасно, потребно е реструктуирање на буџетот за да може соодветно да се одговори на новонастанатата ситуација. Во Министерството за финансии веќе се одвиваат консултации со институциите за степенот на реализација на проектите и тековните расходи. Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може - ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со огледот на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни.
Од почетокот на кризата, одговорот на Владата изнесуваше 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Оваа сума е меѓу најсилните одговори на кризата во регионот. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. Нашата цел како Влада е да дадеме поддршка на граѓаните, на ранливите категории пред се, да го задржиме здравјето на економијата и да ја надминеме оваа криза, а потоа, да се вратиме на патеката и целта кон која се стремиме - повисоки и одржливи стапки на економски раст.
Финансирање на дефицитот и консолидација на среден рок
Ќе додадам дека нашата заложба за фискална консолидација останува. На среден рок, по надминување на кризата и целосно заздравување на економијата, фискалниот дефицит ќе се стеснува постепено, за да не го задушиме растот, за да се сведе околу нивото пропишано со Мастришкиот критериум.
Во оваа насока се и најавите за тековното финансирање на дефицитот преку инструменти кои носат најнизок трошок за нас. Како што спомнав и погоре, цената на капиталот на пазарите допрва ќе расте како резултат на понатамошното затегање на монетарната политика во настојување да се намалат инфлаторните очекувања и да се стабилизираат стапките на инфлација. Европската централна банка дискретно најави зголемување на основната каматна стапка од јули, додека Федералните резерви на САД, Банката на Англија и повеќе централни банки во Европа веќе на неколку наврати ја зголемија основната камата. Оттаму, иако во првичната конструкција беше планирано Република Северна Македонија да излезе со еврообврзница, имајќи ги предвид случувањата на пазарот на капитал (Хрватска во април издаде еврообврзница на 1,25 милијарди евра на 10 години со купонска камата од скоро 3%), одиме на финансирање преку наменски инструменти на меѓународни институции.
Кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ (PLL) е во насока да се обезбеди средства по најнизок можен трошок, што воедно е позитивен синал во финансиските пазари. Тоа е признание за нашата економија дека таа е стабилна и засована на здрави макроеконоски фундаменти, бидејќи Фондот ја доделува оваа линија само на здрави економии. Имено, при самиот процес на одобрувањето на овој инструмент, освен што земјата треба да има позитивни оцени при последната мисија на Фондот, исто така дополнително се врши оцена на монетарната политика, на фискалната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, како и соодветноста на статистичките податоци. Доколку по било која од овие категории земјата има значителни ранливости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент.
Исто така се планира обезбедување на средства и преку наменските проектни кредити од Светска банка и ЕБОР. Сите овие инструменти и линии се многу поповолни извори за финансирање, поевтини од тековните услови на меѓународниот пазар на капитал, на кој веројатно ќе треба да пристапиме со Еврообврзница. Притоа, внимателно ја следиме висината на јавниот долг на среден и долг рок, неговата одржливост, и секако, намената на средствата. Позајмените средства треба да се насочуваат во приоритетните области за економскиот развој (за кои зборувам подолу), со што ќе генерираат позитивни мултипликативни ефекти врз домашната економија.
Стратегија за подобрување и на приходната страна на буџетот
Во насока на спроведување на фискалната консолидација, по пребродување на кризата, освен на расходната ќе се делува и на приходната страна преку спроведување на Стратегијата за даночни реформи. Главна цел на оваа стратегија е да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, со современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.
Оваа стратегија содржи пет приоритети. Првиот се однесува на поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Од ова се очекува новодизајниран модел за праведно оданочување. Понатаму, втор приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување на данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа о намалување на заостанатите даночни обврски. Трет приоритет е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги и дигитализација на процесите. Четврт приоритет е подобар квалитет на услугите и петти приоритет е воведување еколошко („зелено“) оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и/или активностите кои придонесуваат за загадување.
Кризата како можност: структурни реформи, зелена транзиција, дигитализација и човечки капитал
Продолжување на структурните реформи и за време на справување со кризата е нешто што и Светската банка и ММФ го препорачуваат. Реакцијата кон сегашните предизвици, но и градењето на економија која ќе биде отпорна на идните, е единствениот начин да го постигнеме посакуваниот резултат - повисоки и одржливи стапки на економски раст, кои ќе дадат придонес кон раст на стандардот и економскиот развој.
Во оваа насока е и насочена дебатата на платформата за развој на решенија СЕФФ или Скопски економски и финансиски форум, кој ќе се одржи кон крајот на месецот. Темата на дискусијата на СЕФФ ќе биде токму „Одржување на економски раст во време на неизвесност и потоа“, а ќе се темели на четири столба: 1. Макроекономски предизвици во време на криза, 2. Истрајност, конкурентност и регионална соработка, 3. Енергија, зелена транзиција и инфраструктура и 4. По кризата: структурни реформи, човечки капитал, финансиски иновации и инвестиции.
Целта на овој Форум е да ги поттикне сите чинители, од креаторите на политики, преку спроведувачите на политиките до засегнатитестрани - сите заедно, со своето мислење да придонесат решенија кои ќе бидат добар одговор и на кризата и на она што доаѓа по неа.
На мое големо задоволство, главен говорник на Форумот ќе биде добитникот на Нобелова награда за економија во 2008 година, американскиот професор Пол Кругман, кој со своите анализи ќе даде придонес во оваа доста комплексна дискусија, која несомнено ќе донесе придобивки.
Иако ова ќе биде навистина зафатен период во годината, имајќи предвид дека напоредно го работиме и ребалансот, со нетрепние го очекувам, бидејќи само преку борба на идеи и мислења може да се дојде до вистински решенија.
На крајот би посочил уште нешто - само со добра стратегија и добро поткрепен план може да се постигнат резултати. Економската стратегија која досега ја спроведувавме успешно нѐ извлече од пандемиската криза, за што добивме признание од сите релевантни меѓународни финансиски организации. Убеден сум дека успешно ќе го надминеме и афтершокот. Ќе градиме подобра иднина!
Министерство за финансии
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа