Бесими: Со големата фискална реформа воведуваме буџетирање базирано на успешност
Среднорочното проектирање и буџетирање, интегрираниот информатички систем за финансиско управување ИФМИС, како и воведувањето Фискален совет и фискални правила и принципи, се главните реформи предвидени во новиот реформски Закон за буџети, кој помина на второ читање во Собранието и се очекува набрзо да се разгледува и на пленарна седница. Новиот Закон за буџети е р’бетот на СМАРТ-системот на јавни финансии, пишува во својата колумна, mинистерот за финансии, Фатмир Бесими.
-Со Законот се воведува буџетирање базирано на успешност, преку воведување и следење на индикатори за успешност (KPI - key performance indicators), со цел да се подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите. Буџетирањето базирано на резултати има за цел да осигура дека клучните носители на одлуки и креатори на политики систематски ќе ги земат во предвид резултатите што треба да се постигнат со реализација на расходите. Со тоа и постигнување на целта за дефинирање на приоритетите и политиките во буџетот според концептот т.н. вредност на парите (value for money), што значи дека средствата во буџетот ќе се распределат таму каде што даваат најголем ефект во ппостигнубање на целите за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните - пишува Бесими.
Новиот Закон за буџети има механизми и за подобро планирање и спроведување на капиталните проекти. Буџетските корисници, како дел од процесот на подготовка на буџетот, ќе треба да достават пред-физибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за големи инвестиции, каде ќе се основа организациона единица за оценка на инвестициите (PIMA – public investment management assessment).
Во Законот за буџети се дефинираат и фискалните правила, буџетскиот дефицит на ниво до 3% од бруто домашниот производ, додека јавниот долг на ниво од 60%, кој всушност според нова методологија се смета за долг на општа власт (државата и општините), додека гарантираниот долг за јавните претпријатија и други институции од јавниот сектор кои не се буџетски корисници се ограничува до 15% од бруто домашниот производ. Исто така, се уредува воведувањето на фискалниот совет.
-Фискалниот совет има за цел независно да ја оценува фискалната политика, стратегиите и нивното спроведување, како и макроекономските и буџетските проекции. Советот ќе биде составен од 3 члена - експерти од областа на јавните финансии, макроекономијата или економијата, предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народната банка, а ќе ги избира Собранието - посочува министерот Бесими.
Една од најважните реформи кои ги носи новиот Закон за буџети е современиот Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС). Главната цел на ИФМИС е подобрување на ефикасноста и транспарентноста на работењето преку поврзување на постојните фрагментирани системи, на централизирана веб-базирана платформа, преку придобивките на најновите дигитални технологии.
-ИФМИС ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од планирање до целосна реализација, што ќе влијае врз подобрување на буџетирањето и остварувањето на буџетот. Системот ќе воспостави повеќегодишна буџетска рамка, ќе овозможи воведување на функција за управување со јавните инвестиции поврзана со идниот систем за јавно-приватни инвестиции, автоматизиран систем за надзор над обврските, вклучувајќи повеќегодишни обврски и централизирани податоци за преземените обврски, управување со основните средства и управување со долгот - пишува министерот за финансии.
Новиот Закон за буџети е предвидено да почне со примена од почетокот на 2023 година, со исклучок на одредени одредби што се однесуваат на Фискалниот совет, стратешкото планирање, макроекономските проекции, Фискалната стратегија, внатрешната финансиска контрола и ИФМИС организациона единица за реформа на законот за буџети, кои ќе се применуваат со влегување во сила на Законот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа