Берлускони: Се откажувам од кандидатурата за претседател на Италија

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони се откажа од кандидатурата за претседател. Ова го соопшти лично тој, во пресрет на гласањето во парламентот кое почнува на 24 јануари.

Актуелниот премиер Марио Драги најверојатно ќе биде номиниран за функцијата, но не е јасно дали ќе биде поддржан од повеќето партии, кои моментално ја поддржуваат неговата владејачка коалиција, поради стравот дека неговото заминување може да предизвика предвремени избори.

Берлускони рече дека би сакал Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка, да остане на чело на владата до предвидениот крај на неговиот мандат во 2023 година.

„Одлучив да направам уште еден чекор на патот кон националната одговорност“, рече Берлускони и ги повика оние што го предложија за претседател да ја повлечат поддршката.

Коалицијата на десницата побара од Берлускони да се кандидира, но веројатно немаше да биде избран поради тешкотиите да собере широка поддршка инаку потребна меѓу повеќе од илјада пратеници и покраински пратеници вклучени во изборот на претседател.

Берлускони доби привремена забрана за вршење јавна функција откако беше осуден за даночно затајување во 2013 година, а сè уште му се суди за поткуп на сведоци во случајот на малолетничка проституција, поврзан со неговите „Бунга Бунга“ сексуални забави од пред десет години.

Италијанскиот претседател има претежно церемонијални должности, но тој е одговорен и за решавање на политичките кризи, што му дава клучна улога во земјата, во која владите во просек опстојуваат само една година.

На победникот на тајното гласање во парламентот му е потребно двотретинско мнозинство во кој било од трите круга на изборите. Во секој следен круг доволно е и апсолутно мнозинство.

Ниту десниот ниту левиот центар немаат доволно гласови за да наметнат кандидат од своите редови, што значи дека мора да постигнат некаков компромис за да спречат долгорочна пат-позиција.

„Ќе соработуваме со лидерите на десниот центар за да се договориме околу името што може да собере широк консензус во парламентот“, се наведува во изјавата на Берлускони.

23.01.2022 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега