Бектеши: Со нов закон за заштита на потрошувачи ќе се затвораат компании кои работат со нечесни трговски практики
На следната седница на Владата на дневен ред ќе се најде новиот закон за заштита на потрошувачите каде што точно ќе биде регулирано кои се чесни, а кои се нечесни практики кај ланците на маркети и тоа ќе биде санкционирано, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Во вторник на седница на Владата ќе се усвои Предлог закон за заштита на потрошувачите каде казните ќе бидат многу високи за сите нечесни практики кои се на штета на потрошувачите. Според постојното законско решение казната може да дојде до 5.000 евра, а отсега казните нема да бидат само парична.Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплаќа да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги обравиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност, рече Бекетеши на денешното гостување на „Утрински брифинг“ и потенцираше дека ова законско решение е целосно усогласено со европската регулатива.
Бектеши посочи дека по донесување на Одлуката за повторното замрзнување на маржите на основните прехранбени производи, цените во маркетите веќе од вчера почнаа да се намалуваат. Очекува дека овој тренд на намалување на цените да продолжи и во наредните денови. Потенцира дека Пазарниот инспекторат е на терен за да утврди дали трговците ја почитуваат Одлуката.
– Владата годинава донесе две мерки за заштита на стандардот на населението – замрзнување на цените и замрзнување на маржите. Мерката за замрзнување на маржите траеше до крајот на мај. Се очекуваше дека цените кај трговците ќе останат на исто ниво. Што не се случи, за што донесовме одлука повторно да ги замрзнеме профитните маржи со цел дам ги заштитиме граѓаните. Не е етички да има маржа од 15 отсто за одредени производи во време на ваква криза. Очекувавме дека според договорите со Стопанските комори компаниите веќе се навикнати на профитни маржи од 4 отсто или 5 отсто. Но, во дел од трошоците – на масло за јадење на пример, 7-8 денари се плаќа за рабат кон супермаркетите. Сега Владата ја укина оваа можност и за супермаркетите и за увозниците. Побарав да се прават секојдневни контроли не само на заштитетните производи туку и на другите производи. За мене е злоупотреба синџирите на маркети да имаат профит од 30 отсто во ваква криза, рече министерот Бектеши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа