Бејта: Ветувам дека ќе бидам градоначалник и за Албанците и за Македонците

Гласајте за Невзат Бејта, тој е мисионер и ја остварува нашата мисија. Тој е вистинскиот избор за Гостивар, со овие зборови лидерот на ДУИ Али Ахмети го побара гласот на гостиварци, а кандидатот за градоначалник вети дека функцијата ќе ја извршува подеднакво за сите граѓани.

На завршниот предизборен собир на Демократската унија за интеграција во спортската сала „Младост“ присуствуваше целото потесно партиско раководство. Од говорницата беа испратени пораки на поддршка на кандидатот за градоначалник на општина Гостивар, Невзат Бејта.

Претседателот на ДУИ Ахмети во обраќањето потсети на постигнатите резултати откако се на централната власт и додаде дека постојано ги штитат интересите на Албанците во земјава.

– Нашата агенда е европска, таа е на иднината. Нашата платформа е здравје кое го одржува животот, затоа поддршката треба да биде безрезервна. Отвораме ново поглавје, како што положивме заклетва во 2002 година, кога го симнавме оружјето од појасот и влеговме во политиката. Сега имаме нова мисија, со мисионери за кои нема да жалите ако им дадете поддршка. Невзат Бејта, тоа го знае и тој знае и подготвен е да го даде на градот она што му треба, подвлече Ахмети.

Кандидатот за градоначалник Бејта го обвини неговиот противкандидат дека ја уназади хигиената во градот и дозволил да се создаваат диви депонии, да се отвораат казина и да се намножат бездомни кучиња.

– Ветувам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани и за Албанците, за Македонците, Турците и сите други кои живеат на овој простор. Направив грешки, како и сите други, но секогаш имав искрени намери. Јас не се кандидирам за мојата кариера, јас се кандидирам за граѓани, за сите граѓани, без разлика. Верувам дека сите ние сме браќа и сестри, овде во Гостивар и живееме во меѓусебна почит. Ова се локални избори, ова е избор за изградба на подобро место за живеење за сите нас, нагласи Бејта.

Покрај кандидатите за членови во општинскиот совет, од говорницата се обратија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и претседателот на Собранието Талат Џафери.

15.10.2021 - 22:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа