„Алкалоид“ со инвестиции од над 524 милиони денари, со 121 нови вработувања и раст на консолидираниот профит од 14 отсто

 Алкалоид АД Скопје соопшти дека според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2021 година, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари, што е за еден отсто повеќе споредено со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.272.411.971 денари, што е за три отсто повеќе споредено со истиот период лани, информираат од компанијата.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за седум отсто додека, вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за еден отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто, а на другите пазари се остварени еден отсто од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28 отсто) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од три отсто).

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20 отсто, антибиотиците со 18 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, невролошките препарати заземаат 14 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со три отсто, козметиката со седум отсто, а билкарството учествува со два отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2021 година, изнесуваат 524.113.924 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денари, бележи зголемување од околу 13 отсто, додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12 отсто. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13 отсто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14 отсто. При извршувањето на оперативните активности, Алкалоид ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

Во периодот јануари-јуни 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 121 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 отсто од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 16.500,00 денари или просечно 14.738,30 денари за една акција, што претставува раст од 23,3 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.06.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.054 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 22,2 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од седум отсто на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од седум отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година. Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на Ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели, стои во соопштението од компанијата.

29.07.2021 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега